На својата 43-та седница, одржана на 16.04.2020, Владата донесе  Уредба со законска сила за примена на Законот за трговија за време на вонредна состојба за поставување на ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите во кои се врши трговија во мало-продавници, самопослуги, маркети, пекари, дуќани и слично (во понатамошниот текст: објекти), за време на траење на вонредната состојба. 

На 45-тата седница, одржана на 22.04.2020 Владата донесе дополнување на Уредба за примена на законот за трговија за време на вонредна состојба. Со оваа Уредба, во листата трговски објекти се додава зборот “дуќани” и се утврдува дека во објектите во кои се врши трговија на мало, истовремено може да пазаруваат најмногу по едно лице на површина од секои 20 метри квадратни, а во објектите со површина помала од 20 метри квадратни може да пазарува само едно лице.

Согласно оваа Уредба трговецот е должен да обезбеди редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот.

Уредбата определува дека трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на лицата пред и во објектот. Ознаките се поставуваат на растојание од два метри и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.

Со Уредбата се определува дека трговецот е должен да обезбеди заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените лица во објектот, а вработените лица се должни заштитната опрема да ја носат постојано во текот на работното време.