fbpx

Државата спасува работни места: 14.500 денари месечно по вработен за април и мај, за сите фирми погодени од кризата

Главната мерка од економскиот пакет e директната помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април и мај, од сите фирми погодени од кризата.
blank

денари по вработен

ИЛИ

%

од трошоците за придонеси

Главната мерка од економскиот пакет e директната помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април и мај, од сите фирми погодени од кризата.

За оваа мерка, донесовме Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, со што и практично стапуваат во сила сите одредби за сеопфатна директна финансиска поддршка на работодавачите.

Дури 87 отсто од компаниите се подобни да аплицираат за овие мерки, ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании. Сумата што ќе ја добие секој работник, за двата месеци, април и мај, изнесува 29.000 денари, скоро 500 евра, односно по 14.500 денари месечно.

За да биде појасно, оваа уредба под поимот „Работодавач од приватниот сектор“ го опфаќа секое претпријатие од приватниот сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување, секое правно лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавачите кои преку приватни агенции за вработување, ангажираат работници за извршување работни задачи.

Со оваа мерка ќе се врши исплата на финансиски средства на сметка на работодавачот-барател на финансиска поддршка за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник.

Поточно, ова значи дека доколку работник бил ангажиран за полно работно време, ќе му биде исплатен целиот предвиден износ согласно оваа мерка односно – 14.500 денари, а доколку бил ангажиран со скратено работно време, ќе му биде исплатен сразмерен износ.

Новите и посеопфатни услови за аплицирање ги опфаќаат следните аспекти.

Репер за бројот на вработени се зема месец април, наместо март и се допрецизирани условите во однос на бројот на вработени, кој не смее да се намалува, освен заради:

  • пензионирање и смрт на работник,
  • откажување на договорот за вработување од страна на работникот,
  • откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски,
  • спогодбено преземање на работник,
  • престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и
  • престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.

Уредбата определува дека вкупниот број на вработени на кои по овие основи би им бил прекинат или завршен работниот однос, заклучно со месец јули 2020 година не смее да биде повеќе од 5% кaj голема компанија (над 250 вработени), 10% кај средна (51 до 250 вработени) и 15% кај мирко и мала (до 50 вработени).

Со ова се овозможува работниците кои биле одјавени од 10ти март до 30ти април да се вратат во своите работни места до 7ми мај.

Компаниите од секторите угостителство, туризам и транспорт кои во 2018 и 2019 не работеле со загуба, не се на листата на должници на УЈП и немаат доспеани и кредиди со задоцнување од 90 дена до 29.02.2020 ќе може да ја комбнриаат мерката со другата антикризна мерка „50% субвенции на придонеси“ и со тоа да добијат поддршка до 19.500 ден. зависно од висината на платата која ќе ја исплатат на работникот.
Кои фирми ќе ги враќаат дел од средствата од мерката?

1. Компанија која остварила загуба – нема да ја врати добиената финансиска поддршка
2. Компанија која остварила добивка, а е „здрава“ компанија, исто така нема да ја враќа, односно ќе може да ја претвори поддршката во грант, ако:

  • две години по ред остварувала добивка
  • нема неплатени давачки
  • не доцни со отплата на кредити повеќе од 90 дена
  • го инвестирала добиениот износ за унапредување на работењето и вработенитe

3. Компанија која забележала добивка во 2020 ќе врати лимитиран износ до 50% од добивката пред оданочување. На пример: ако компанијата добила поддршка од 5.000 евра, а остварила добивка од 7.000 евра ќе врати 3.500 евра на три месечни рати во април, мај и јуни 2021 година.

Начинот на аплицирање за оваа финансиска поддршка е брз и едноставен.

Сите кои побаруваат финансиска поддршка за исплата на плати за работниците од 1ви мај може да поднесат Барање за финансиска поддршка – образец БФП-ИП до Управата за Јавни Приходи преку системот Е-даноци, најдоцна до 7-ми мај за исплата на платите за април, односно до 7 јуни за исплатата на платите за мај.

Барањето, Управата за јавни приходи  ќе го потврди во рок од 3 дена од денот на неговиот прием, а откако работодавачот ќе добие потврда од УЈП дека барањето е комплетно, во образецот МПИН во полето 3.4б внесува шифра  5000, за оние вработени за кои бара финансиска поддршка до14.500 денари.

Работодавачот истовремено може да користи друга мерка за субвенционирање на социјалните придонеси и/или данок на доход за што во полето 3.23 од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување, и истата ја комбинира (користи истовремено) со шифрата кој ја внел во полето 3.4б односно шифрата 5000. После обработката на МПИН образецот, УЈП го информира работодавачот за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе му биде исплатена за соодветниот месец. Средства ќе се исплатуваат од 10.05.2020 за платите за април, односно од 10.06.2020 за платите за мај.

Уредбата утврдува дека работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи или од страна на Државниот инспекторат за труд, се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите за стекнување право за користење на оваа мерка.

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа Уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец септември 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смрт на работник.

Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.

Согласно оваа Уредба работодавачите кои ќе го искористат правото на финансиска поддршка за исплата на плати, имаат обврска примените финансиски средства ги вратат во Буџетот на Република Северна Македонија.

Уредба за финансиска помош на претпријатија за исплата на плати

Како алтернатива на оваа мерка, компаниите можат за изберат да ја користат мерката за покривање на 50% од придонесите на платите на своите вработени.

Тоа значи, дека работодавачите можат да се одлучат да изберат финансиска поддршка за покривање на пловина од придонесите за своите вработени, наместо 14.500 месечно нето плата по вработен за месеците април и мај.

За таа цел ја донесовме Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на водредна состојба.

Уредбата се предлага како економска мерка со која што ќе се даде финансиска поддршка за сервисирање на обврските за исплата на придонесите за задолжително социјално осигурување, а поради намалената ликвидност кај бизнисите поради состојбата со коронавирусот.

Со Уредбата се предвидува за секој вработен осигуреник, за месеците април и мај 2020 година да се субвенционираат придонесите за задолжително социјално осигурување во висина од 50%. При тоа, пресметаната сума не може да биде повисока од 50% од придонесите за задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник во Република Северна Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика објавена за јануари 2020 година.

Во Уредбата се наведени условите што треба да бидат исполнети за користење на оваа мерка.

Со мерката се очекува да бидат опфатени околу 20% од осигурениците, односно околу 53.000 осигуреници за што се потребни 284.345.000 денари месечно, односно 568.690.000 за субвенционирање на придонесите за месец април и мај 2020 година.

Оваа мерка е алтернатива на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите во висина од 14.500 денари за месеците април и мај.

Не можат да се користат двете мерки, туку само една по избор. Значи, за секој работник е обезбедена или плата од 14.500 денари месечно или покривање на 50% од придонесите.

Уредба за исплата на придонеси

Никој нема да биде изоставен!

Затоа, ја донесовме и Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот -19, заради исплата на финансиска помош за месеците април и мај 2020 година.

Оваа уредба е за нашите сограѓани занаетчии и вршители на самостојни дејности кои исто така ги чувствуваат последиците.

Финансиската поддршка на физичко лице кое врши самостојна дејност опфатени со оваа Уредба ќе се спроведува преку Владина Програма за финансиска поддршка со исплата на финансиски средства на трансакциска сметка преку која физичкото лице – барател на финансиска поддршка за исплата на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година.

Финансиската поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно.

За оваа мерка сите услови за стекнување право на користење на поволностите, ќе бидат објавени во Уредбата што ќе се публикува во Службен Весник и на веб страницата на Владата.

Уредба за физички лица кои вршат самостојна дејност